Skip to main content
Скопје

Вечерва започнува AERO Street Food Festival

04/09/2026  10:47

Од денеска до 8 септември паркот „Авионче“ ќе биде домаќин на пет фестивалски вечери со 20 гастрономски брендови, домашна музика, разновидни забавни содржини и бесплатен влез.

Општина Аеродром сè појасно се позиционира како препознатлива дестинација за современи урбани фестивали и настани што ги обединуваат локалната заедница, културата, музиката и гастрономијата. Од 4 до 8 септември паркот „Авионче“ повторно ќе се претвори во голема сцена на отворено, со второто издание на AERO Street Food Festival.

Во текот на петте фестивалски вечери посетителите ќе можат да избираат меѓу свежо суши, такоси, бургери, гиро, пица, фокача, ќебапи, печени компири, палачинки, сладолед, сутлијаш и бројни други солени и слатки специјалитети.

Во фокусот на годинашното издание е разновидната гастрономска понуда. Дваесет различни концепти ќе претстават вкусови инспирирани од домашната, регионалната и светската кујна – од добро познатите скопски класици до современи рецепти за улична храна.

На фестивалот годинава ќе учествуваат: Burgerslut, Mustacos, Loras Sushi, Fat Kitchen, Jojo’s BBQ, Oljo’s, Noa Gyradiko, Scoop, Bistro 64, Smash Burger, Sorelle, 11: Eleven, Сутлијаш бар, 15 за 12, Трансилваниско трдло, Pizza Vice City, Дестан, Milkey, Sweet Look и Жешко компирче.

Концептот е осмислен така што секој посетител ќе може да пронајде нешто по свој вкус, да споделува порции со друштвото и да открива нови гастрономски комбинации. По летните одмори фестивалот ќе биде и одлична можност за повторни средби со пријателите, дружење и заедничко уживање на посетителите од сите генерации.

За музичката атмосфера ќе се погрижат домашни бендови и диџеи. На сцената ќе настапат South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division, додека пред и по концертните настапи публиката ќе ја забавуваат Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеите од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и Sure Shotz.

Секоја фестивалска вечер ќе биде дополнета со натпревари во брзо јадење, квизови и интерактивни предизвици со публиката, под водство на Бомбакис.

Фестивалот ќе биде отворен за посетители секој ден од 17:30 до 00:30 часот, а влезот е бесплатен.

Настанот е спонзориран од Општина Аеродром, се одржува под покровителство на Град Скопје, а го организираат Lions in Move и Cafe Mambo.