Skip to main content
Македонија

Утре почнува учебната година со 3.000 ученици помалку во прво одделение

31/08/2026  09:04

Од утре, 1 септември, започнува новата учебна 2026/2027 година за учениците во основните и средните училишта низ Македонија. За околу 14.500 првачиња ова ќе биде посебен ден – нивна прва средба со училишните клупи, наставниците и новите соученици.

Бројката на првачиња сè уште не е конечна, бидејќи дополнителното запишување ќе трае до крајот на септември. Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека и по завршувањето на уписите се очекува годинава да има најмалку 3.000 првачиња помалку во споредба со претходната учебна година.

Падот на бројот на ученици ќе се одрази и врз организацијата на наставата. Во учебната 2026/2027 година се очекува да има околу 200 паралелки помалку во основното и околу 100 паралелки помалку во средното образование.

Најавено е и затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче. Во дел од овие училишта во изминатиот период наставата ја посетувале само од пет до осум деца.

Конечниот број на основци и средношколци кои утре ќе ја започнат наставата сè уште не е објавен. Последните целосни податоци на Државниот завод за статистика се однесуваат на почетокот на учебната 2025/2026 година, кога во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, додека во средното образование имало 67.540 ученици. Вкупно, минатата учебна година во училишните клупи седнале 241.580 основци и средношколци.

Особено забележлив е падот кај првачињата. Во учебната 2025/2026 година во прво одделение биле запишани 17.921 ученик, додека досегашните податоци за новата учебна година покажуваат околу 14.500 првачиња. Конечната разлика ќе биде позната по завршувањето на дополнителните уписи во септември.

Од Министерството за образование и наука информираа дека учебниците се дистрибуирани и веќе се наоѓаат во училиштата. Согласно календарите за организација на работата на основните и јавните средни училишта, наставата започнува на 1 септември.

Во пресрет на првиот училиштен ден, до возачите се упатува апел за зголемена внимателност, особено во близина на училиштата, пешачките премини и автобуските постојки. Од утре на улиците ќе има значително поголем број деца, а особено внимание е потребно во утринските часови и по завршувањето на наставата.