
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва најави три мерки за младите: станови поевтини за 20 проценти за млади брачни парови до 35 години, ослободување од комуналии за изградба на куќи за млади брачни парови и зголемување на средствата за студентски оброк за 20 проценти.
На прославата по повод 35 години од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски порача дека целта е младите полесно да го решат станбеното прашање и да имаат подобри услови за основање семејство и останување во земјата.
„Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја гледам како расадник на нови идеи, знаење и идни лидери“, рече Мицкоски.
Во обраќањето најави и почеток на кампањата „Очи в очи за подобро“, која ќе опфати теренски средби и директни разговори со граѓаните за нивните проблеми и предлози, како и за сработеното и потребните подобрувања.
Мицкоски се осврна и на насилството врз жените, нагласувајќи дека тоа не смее да биде предмет на партиски пресметки. Според него, неопходни се превенција, силен институционален одговор и заедничка општествена одговорност.
Тој порача дека сака наследството на оваа генерација да биде Македонија во која младите ќе имаат причини да останат, да работат и да успеваат.

