Skip to main content
Свет

Мистериозна болест на летовите од Доминиканската Република за Франкфурт

22/11/2026  22:29

На повеќе патници им се слошило на два лета на германската авиокомпанија „Кондор“ од Доминиканската Република кон Франкфурт. Спасувачките екипи на аеродромот биле ставени во готовност додека двата авиона сè уште биле во воздух. По слетувањето во неделата, двајца патници биле пренесени во болница. 

Портпаролка на „Кондор“ за германскиот јавен сервис „Хесеншау“ изјавила дека патниците се пожалиле на мачнина и слабост, а дел од нив повраќале. По слетувањето им била укажана медицинска помош на аеродромот. Еден од двајцата патници бил пренесен во болница на сопствено барање, а другиот поради проблеми со циркулацијата. 

Двата авиона полетале од Ла Романа, а во нив имало вкупно околу 620 луѓе. Германските медиуми јавуваат дека околу 40 патници пријавиле тегоби, а точниот број на засегнати сè уште не е потврден. 

За случајот е известена здравствената служба во Франкфурт. Дел од германските медиуми објавија дека се разгледува сомнение за норовирус, но причината за тегобите засега не е официјално утврдена.