Skip to main content
Балкан

Уапсена шефицата на албанската тајна служба, Влора Хисени, осомничена е за откривање државни тајни

23/09/2026  12:48

Директорката на албанската разузнавачка служба Шиш, Влора Хисени, беше уапсена на граничниот премин Врбница и спроведена од полицијата во Тирана, откако судот ѝ одреди куќен притвор и суспензија од должност.

Албанскиот премиер Еди Рама ја разреши Хисени од функцијата додека беше во Вашингтон, по одлуката на Специјалниот суд за мерки против неа.

Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал СПАК објави дека Влора Хисени е осомничена за помагање на сторител на кривично дело и откривање државни тајни како дел од истрагата поврзана со случајот АКШИ.

Во времето кога беше донесена одлуката на судот, Хисени беше на службено патување во Баку, Азербејџан.

Хисени претходно ја изгради својата кариера во Косовската разузнавачка агенција, каде што беше заменик-директорка од 2019 година. Таа беше отстранета од таа позиција во 2021 година, за време на владата на Аљбин Курти.

Хсени стана шеф на албанската разузнавачка служба во 2023 година, на предлог на Еди Рама, а одлуката потоа беше потврдена со декрет на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Истрагата против Хисени е дел од поширока афера поврзана со АКШИ, Националната агенција за информатичко општество на Албанија, во која СПАК истражува наводни злоупотреби и протекување на доверливи податоци.