
Централната банка на Турција ја зголеми прогнозата за инфлацијата на крајот на 2026 година за два процентни поена, односно на 28 проценти, објави турската новинска агенција Анадолија, повикувајќи се на гувернерот на банката Фатих Карахан.
Гувернерот Карахан ги соопшти новите проекции за време на информативната средба за претставување на третиот годишен извештај за инфлацијата, која се одржа во кампусот на банката во Истанбулскиот финансиски центар.
– Очекуваме инфлацијата да се намали на 15 проценти на крајот на 2027 година и на девет проценти на крајот на 2028 година, по што на среден рок ќе се стабилизира околу целното ниво од пет проценти – изјави Карахан.
Според него, корекцијата нагоре за крајот на 2026 година главно се должи на движењето на цените на дизел-горивото, природниот гас и суровините надвор од енергетскиот сектор. Во пресметките биле земени предвид и промените во механизмот на подвижната скала, повисоките очекувања за инфлацијата кај прехранбените производи, како и цените на регулираните и државно управуваните стоки и услуги.
Како главни ризици за краткорочните инфлациски изгледи, Карахан ги посочи геополитичките случувања и можноста цените на нафтата и природниот гас да останат високи подолг период, во зависност од развојот на воените дејства и преговорите за прекин на огнот. На домашниот пазар, пак, како клучни фактори ги издвои цените на земјоделските суровини, временските услови и понудата на непреработени прехранбени производи.
„Доколку дојде до попозитивен развој на случувањата поврзани со прекинот на огнот, цените на нафтата би можеле да паднат под основните претпоставки и да имаат дефлациско влијание“, објасни гувернерот.
Во однос на енергенсите, Карахан истакна дека за 2026 година е направена надолна корекција на цените на нафтата, додека за 2027 година прогнозата е зголемена поради текот на воените дејства. Поради рафинериските маржи кај дизелот и цените на суровините, прогнозите за увозните цени во 2026 година се благо зголемени, додека оние за 2027 година се намалени поради базниот ефект.
Карахан повторно ја потврди посветеноста на Централната банка да ја одржува затегнатата монетарна политика и координацијата со економските политики на Владата до постигнување трајна ценовна стабилност.
– Очекуваме падот на инфлацијата во секторот на услугите да стане поизразен со слабеењето на инерцијата кај ценовните компоненти поврзани со минатата инфлација. Сметаме дека затегнатата монетарна политика ќе придонесе за подобрување на очекувањата и ценовното однесување, што ќе овозможи продолжување на намалувањето на базичната инфлација – нагласи Карахан, додавајќи дека домашната побарувачка се очекува да остане слаба поради затегнатите финансиски услови.

