
Македонија не треба да брза со увоз на работна сила од странство додека во земјата постои значителен број невработени и економски неактивни граѓани кои би можеле да се вклучат на пазарот на труд. Ова е пораката на универзитетскиот професор Борче Треновски, кој во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ предупреди дека државата мора прво да ги искористи сопствените човечки ресурси, пред да бара решение за недостигот од работници надвор од границите.
Според Треновски, македонскиот пазар на труд се соочува со сериозен парадокс – од една страна има граѓани кои не можат да најдат работа, а од друга страна компании кои се соочуваат со недостиг од соодветен кадар.
„Нашиот пазар на труд е многу специфичен. Ова не е поврзано само со бројот на лица што ги имаме, туку со усогласеноста на вештините што ги поседуваат тие лица“, истакна професорот.
Тој посочи дека проблемот е особено изразен во земјоделството, транспортот, услужните дејности и одредени технички професии, каде што работодавачите сè потешко доаѓаат до потребните работници.
Сепак, според него, решението не треба веднаш да се бара во ангажирање странски работници, туку во активирање на домашното население кое моментално не е вклучено на пазарот на труд.
„Пред да решиме да донесеме работници од странство, мораме да ги исцрпиме сите фондови што ги имаме тука. Сè уште имаме огромна неактивна работна сила“, нагласи Треновски.
Професорот смета дека државата мора посериозно да се посвети на долгорочно невработените лица, економски неактивното население и граѓаните кои работат во неформалната економија.
Посебен акцент стави на поголемото вклучување на жените на пазарот на труд, како и на преквалификацијата и доквалификацијата на лицата чии професии и вештини не одговараат на потребите на компаниите.
„Мораме да го искористиме целиот домашен потенцијал пред да решиме да донесеме работна сила од страна, иако тоа се процеси што се случуваат во целата Европска Унија и можеби понатаму нема да можеме да се изолираме“, рече Треновски.
Според него, клучна улога во решавањето на проблемот има и образовниот систем, кој мора да се приспособи на реалните потреби на стопанството. Потребни се подобра професионална ориентација на учениците, посилно стручно образование и континуирани програми за стекнување нови вештини.

Треновски оценува дека со подобра организација, активни политики за вработување и соодветна обука, Македонија може да обезбеди значителен дел од потребниот кадар од сопственото население, наместо недостигот од работници првенствено да го решава со увоз на работна сила.

