Skip to main content
Свет

Трамп тврди дека Зеленски добил „милијарди долари“, Шикорски негира – САД немаат дадено „ниту цент“ од јануари 2025

17/10/2026  14:47

Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, изјави дека САД немаат потрошено „ниту еден цент“ за Украина од јануари 2025 година. Неговото тврдење е во спротивност со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој деновиве изјави дека американската помош за Украина се мери во милијарди долари. Трамп тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски добил „милијарди и милијарди долари“ и дека располага со најдобра воена опрема, бидејќи таа доаѓа од САД, пишува германскиот весник „Билд“.

Клучната разлика лежи во фактот што најголемиот дел од американската помош за Украина беше одобрена за време на мандатот на претходникот на Трамп, Џо Бајден. По враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари 2025 година, Вашингтон драстично ги намали издвојувањата за нова помош. Според податоците од платформата „Ukraine Support Tracker“ (Следење на поддршката за Украина) – управувана од Институтот за светска економија од Кил – американска помош е намалена за 99 отсто во споредба со 2024 година. Оваа анализа опфаќа помош обезбедена до крајот на август 2026 година, преенсува Индекс.хр.

Кога се зборува за милијарди, неопходно е прецизно да се направи разлика меѓу одобрените средства и реално потрошените средства. Податоците од Конгресната служба за истражување (CRS) покажуваат дека Конгресот на САД одобрил приближно 174,2 милијарди долари за помош на Украина. Според друг надзорен извештај на САД, заклучно со јуни 2025 година, на располагање биле вкупно повеќе од 187 милијарди долари. Ова не значи дека овие суми се целосно исплатени на украинската влада. Значителен дел е потрошен за оружје од американските залихи, за надополнување на тие залихи со ново вооружување, за обука на украински војници и за покривање на други трошоци поврзани со војната.

Проблемот, сепак, не е само во парите. Украина се соочува и со воен притисок што произлегува од технолошки ограничувања. Според британскиот весник „Телеграф“, технолошкиот милијардер Илон Маск наводно му предложил на Трамп да се намали брзината на воениот сателитски систем „Старшилд“ (Starshield). Се тврди дека Трамп го прифатил тој предлог. Намалените брзини на пренос на податоци ја попречуваат контролата во реално време на брзите беспилотни летала, што создава тешкотии за Украина во одбраната од одредени руски напади.

Трамп ја отфрла одговорноста за овие ограничувања. „Не верувам дека сум јас, а не верувам ниту дека е Илон“, изјави американскиот претседател во врска со ограничениот пристап на Украина до системот. И Маск претходно ја отфрли одговорноста.

Во меѓувреме, Трамп ја заострува реториката кон Зеленски. Вели дека украинскиот претседател е „потежок“ од шефот на Кремљ, Владимир Путин, а исто така остро ги критикуваше украинските напади врз руските рафинерии за нафта. Трамп изјави и дека е време Украина да добие нов претседател.