Министерот за здравство, Арбен Таравари вели дека нема лекарска грешка во случајот со смртта на седуммесечното бебе на Детската клиника во Скопје, на средината на декември.
„Уште во понеделникот го видов извештајот и за среќа покажа дека нема лекарска грешка. Можеби болеста си го направила своето, може подоцна е донесено детето, но констатирано е дека за среќа, нема лекарска грешка“, вели министерот за здравство Арбен Таравари.
Бебето првпат на Детската клиника било донесено на 9 декември заради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. Првично детето било прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и било упатено на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, детето било испратено на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника.
На 11 декември во вечерните часови, детето повторно било донесено на клиниката и заради влошената клиничка слика, и било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му биле упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба детето било преместено на интензивна нега.
По стабилизирање на состојбата повторно било вратено на Одделот за неврологија каде престојувало неколку часа по што повторно било вратено на интензивна нега каде биле направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања кои укажале на тешка општа состојба на детето кое починало вечерта на 15 декември.