Skip to main content
Македонија

Функција или платена функција?

20/09/2026  15:29

Што треба да знаат членовите на пензионерските здруженија пред изборите?

Пишува: Мирослав Трлин дипломиран економист во пензија

Пред пензионерските здруженија е изборен период. Ќе се избираат луѓе кои во наредниот мандат треба да ги претставуваат интересите на своите членови, да управуваат со средствата на здружението и да ги реализираат целите заради кои здружението постои. Тоа е нормален демократски процес. Но, секој демократски избор има смисла само ако членовите знаат не само кого избираат, туку и какви правила ќе важат за оние што ќе ја преземат функцијата.

Токму затоа во овој момент сакам да отворам едно прашање кое можеби изгледа мало, но во себе носи многу поголема тема.

Законот за здруженија и фондации вели дека работата во органите на организацијата „по правило е доброволна“, а истовремено предвидува можност за надоместок за вршење работи во органите, во согласност со закон. Оттука се поставува едно едноставно прашање:  Дали редовниот месечен паушал претставува надомест за конкретно извршени работи или претставува платена функција, без оглед на тоа дали задачите и обврските што произлегуваат од Статутот се извршуваат квалитетно и во целост?

Не тврдам дека месечниот паушал сам по себе е незаконски. Напротив, прашањето е што точно претставува тој паушал, што се надоместува со него и врз која основа е определен.

Ако се плаќа конкретна работа, тогаш логично е да знаеме која работа се плаќа, во кој обем, според кои критериуми и кој утврдува дека обврските се извршени. Ако, пак, надоместокот следува само поради самото вршење на функцијата, тогаш имаме право да прашаме дали доброволната функција во граѓанското здружение фактички станува платена функција.

Но, тука се отвора и едно друго, уште поконкретно прашање.

Во Статутот на Здружението на пензионери – Куманово, член 16, алинеја 11, Собранието претходно имало надлежност да ги определува функциите за чие вршење се добива месечен надоместок, како и висината на надоместокот.

На седницата на Собранието од 19.02.2025 година, од оваа одредба се бришат зборовите „како и висина на надоместокот“. Во истата измена се бришат и други надлежности на Собранието, а во член 25 се додава нова алинеја 22 со која Извршниот одбор добива надлежност „да го утврдува износот на надоместоците и износот за учество на седниците и износот на патни и дневни трошоци на членовите на сите органи и тела на Здружението“.  Значи, нешто што претходно било надлежност на Собранието, како највисок орган на управување, со статутарна измена се пренесува на Извршниот одбор, како извршно тело.

Не тврдам дека оваа измена е незаконска. Но, дали е добро институционално решение извршното тело во исто време да добие надлежност да одлучува за висината на надоместоците на членовите на органите и телата, а потоа тие одлуки да се спроведуваат во практиката? Каде е границата меѓу управувањето и контролата?

И тука се отвора уште едно прашање кое не би смеело да биде неважно за членовите. Според сознанијата со кои располагам, овие статутарни измени од 19.02.2025 година не се доставени во Централниот регистар за да бидат евидентирани како статутарна промена во законски предвидениот рок. Ако тоа е точно, се поставува едно многу едноставно прашање:

Како членовите да знаат кој Статут е важечки ако една измена се применува во практиката, а не е евидентирана во јавниот регистар?

А тука веќе не зборуваме само за паушали. Зборуваме за правила според кои едно граѓанско здружение се управува.  Ако највисокиот орган го донесува Статутот, ако Статутот ги определува правилата на управување, ако законската промена треба да биде евидентирана во јавен регистар, а во практиката се применува нешто што јавниот регистар не го покажува – тогаш што имаме: само административна неуредност, институционална хаотичност или проблем со законитоста на примената? Не би сакал јас да го дадам одговорот. Тој треба да го дадат оние што се одговорни за управувањето со здружението.

И не го поставувам ова прашање само за Здружението на пензионери – Куманово. Кумановскиот пример може да биде само повод да се отвори поширока дебата во сите пензионерски здруженија.

Пред изборите, секој член има право да знае: кој ги определува правилата, кој одлучува за надоместоците, што се плаќа, врз која основа се плаќа и кој ја контролира таа одлука.

Затоа, можеби е време да престанеме изборите да ги гледаме само како избор на имиња.

Пред пензионерите да изберат кој ќе ги води, можеби е време да прашаат и според кои правила ќе бидат водени.  А можеби најважното прашање е сосема едноставно:                                                                   Функција заради членовите – или функција што, покрај одговорноста, станува и личен материјален интерес?

Одговорот нека го дадат здруженијата. А членовите нека размислат.