Skip to main content
Економија

Струјата до Нова година нема да поскапи, за понатака не се знае

16/10/2026  13:44

Цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а Владата ќе се бори таа да остане иста и од 1 јануари – изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

– Приоритет на оваа Влада е да ја одржи енергетската стабилност. Ние тоа го правиме во услови на најголема енергетска криза во светот што човештвото ја памети. Секаде во регионот и во Европа цените на енергентите пробиваат рекорди. Веќе имаме држави во Европа, каде што цената на дизелот и безоловниот е поголема од 3 евра за литар. Ние сè уште сме под 1,6 евро за литар благодарение на политиките на Владата. Во таа насока планираме да продолжиме и кога станува збор за електрична енергија. Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа впрочем го правиме во три регулаторни периоди. АД ЕСМ не е единствена што бара нивелирање на цените, тука се уште неколку компании, тука е операторот, тука е дистрибутерот, тоа е приватната компанија ЕВН. Можеби треба и нив да ги прашате како тие ќе се однесуваат – изјави Мицкоски.

Премиерот не се согласува со ставот дека цената на струјата најмногу зависи од ЕСМ. Одговори дека нема да се понуди помала цена од 65 евра. 

– Не, во овие услови какви што се денеска на берзите и 65 е трипати пониска од онаа што ја плаќаат во соседството и граѓаните во Европа – изјави премиерот. 

Мицкоски беше дециден дека Владата ќе се бори да ја постигне истата цена, дека до декември цената на електричната енергија нема да се зголемува. 

– Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија – рече премиерот. 

Премиерот исто така рече и дека не се планираат измени во тарифните блокови за електрична енергија.