
Убава семејна атмосфера вечерва во комплексот Џевахир Скај Сити во скопската општина Аеродром. Станарите самоиницијативно организираа заедничко гледање цртан филм на отворено, а настанот привлече голем број деца и родители.
Просторот меѓу кулите за една вечер се претвори во мало кино под отворено небо. Најмладите, со перничиња и прекривки, се сместија пред големото платно и заедно уживаа во цртаниот филм, додека родителите се дружеа во непосредна близина.
Дополнително изненадување за децата беше и маскотата, која се дружеше и фотографираше со најмладите и придонесе за веселата атмосфера.
Настанот беше можност соседите да поминат заедничка вечер надвор од своите домови, а децата да се дружат и забавуваат во просторот околу комплексот.

