Skip to main content
Балкан, Македонија

Сменети 15 полициски раководители во Србија по заплената на марихуана од Македонија

20/10/2026  00:01

Петнаесет раководители на Службата за борба против дрога при српската Управа за криминалистичка полиција биле преместени на други работни позиции по рекордната заплена на пет тони марихуана, поврзана со Македонија, во селото Коњух во близина на Крушевац, открива српскиот истражувачки портал „Крик“.

Според истражувањето објавено на 19 октомври, полицајците кои учествувале во акцијата, наместо признание за откривањето на една од најголемите количини дрога во Србија, се соочиле со смени, преместувања и притисоци врз нивните семејства.

„Крик“ објави делови од писмо што 13 полицајци го испратиле до српскиот премиер Ѓуро Мацут, во кое бараат средба и објаснување за случувањата во службата по големата полициска акција.

Во писмото се наведува дека само еден ден по заплената започнале смените на раководниот кадар, вклучувајќи ги началникот, неговиот заменик, раководителите и замениците на четирите одделенија, како и петмина шефови на отсеци.

Полицајците тврдат дека притисоците не завршиле со нивните преместувања, туку се прошириле и врз нивните сопруги, кои исто така се вработени во Министерството за внатрешни работи на Србија.

Тие предупредуваат и дека нивната лична безбедност, како и безбедноста на нивните семејства, е доведена во прашање поради постапувањето со службениците кои учествувале во разбивањето на криминалната група.

Според „Крик“, петте тони марихуана биле откриени на имот на локален функционер на владејачката Српска напредна странка (СНС). Српските полицајци потоа помогнале во истрага во Македонија, каде што биле запленети дополнителни повеќе од 40 тони марихуана.

Писмото го потпишале 13 полициски службеници, кои побарале средба со премиерот Мацут, но според објавените информации, до моментот на објавувањето не добиле одговор.

Истражувачкиот портал наведува дека дел од сменетите раководители биле распоредени во сообраќајната и граничната полиција, како и во други организациски единици, без да им биде образложено зошто биле отстранети од службата за борба против дрога.