
Во само еден ден, полицијата регистрираше повеќе случаи на несовесно и незаконско управување со моторни возила, при што меѓу приведените има и тројца малолетници. Особено загрижува случајот во Гостивар, каде 18-годишен волонтер на Црвениот крст без дозвола зел службено возило и предизвикал материјална штета удирајќи во повеќе паркирани автомобили.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 23 јули околу 00:10 часот на улицата „Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар бил лишен од слобода Е.С. (18), кој без одобрение го зел службениот автомобил „цитроен“ на Црвениот крст, каде што бил ангажиран како волонтер.
Младиот гостиварец, кој воопшто не поседувал возачка дозвола, со службеното возило удрил во повеќе паркирани автомобили. По приведувањето бил задржан во полициска станица, а против него ќе биде поднесен соодветен поднесок по целосното расчистување на случајот.
Во Тетово, пак, полицијата приведе 16-годишен малолетник од селото Порој, кој без возачка дозвола управувал автомобил „смарт“ и учествувал во сообраќајна незгода на паркинг простор на улицата „Благоја Тоска“. Возилото е одземено, а разговор со малолетникот бил извршен во присуство на инспектор за малолетничка деликвенција и негов старател. И против него ќе следува соодветна пријава.
Уште еден случај е регистриран кај наплатната станица Желино, каде полицијата во 2 часот по полноќ го лишила од слобода М.Ф. (20) од село Церово. Тој управувал „фолксваген голф“ со тетовски регистарски таблички без воопшто да поседува возачка дозвола. Возилото е одземено и задржано до завршување на постапката.
Во Скопје, во исто време, полицијата приведе 16-годишник од Студеничани кој управувал „фолксваген голф“ иако не се стекнал со право за управување моторно возило.
Дополнително, претходниот ден на улицата „Бистра“ во Скопје бил приведен и 17-годишник од истото село, кој исто така бил затекнат зад воланот без да поседува возачка дозвола.
Сите случаи се документираат, а против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

