Skip to main content
Македонија

Славески потврди дека се консултирал со Мицкоски за влезот на Алта банка, сега се бара купувач

06/11/2026  19:02

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, потврди дека се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски за влезот на Алта банка на македонскиот пазар. На попладневната прес-конференција тој соопшти и дека шест инвеститори досега покажале интерес за купување на Алта банка АД Битола.

Славески одговори на новинарско прашање со кого од Владата разговарал за влезот на Алта банка, откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека гувернерот не ја консултирал за тоа прашање.

„Со премиерот секако“, рече Славески. Тој ја образложи консултацијата со стратешкото значење на банкарскиот сектор и со, како што рече, политичката сензитивност на прашањето.

На прашањето дали Народната банка ја разгледува можноста за отворање стечајна постапка, откако Мицкоски вчера го посочи стечајот како едно од двете можни сценарија, Славески рече дека се разгледуваат и такви исходи. Според него, најдобрата опција е да се заштитат имотот и штедните влогови на граѓаните и да се најде купувач за банката.

„Секако, размислуваме и во алтернативи за оние екстремни сценарија. Премиерот објасни што во такво сценарио, кое никој од нас не го посакува“, рече гувернерот.

Потрагата по купувач веќе е во тек. Славески не откри кои се шесте заинтересирани инвеститори, ниту дали сите се банки или меѓу нив има и други финансиски институции. Тој објасни дека дел од заинтересираните субјекти сами се обратиле, а Народната банка и директно контактира со потенцијални купувачи.

Гувернерот ја оцени Алта банка АД Битола како здрава банка и рече дека, според неговата проценка, нејзината продажна вредност е финансиски достижна и за банки со средна големина.