
Во Охрид вечерва, на стадионот „Билјанини извори“, се одржа големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, организиран по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Настанот понуди богата музичка и сценска програма, но покрај настапите, вниманието го привлече и еден необичен детаљ – на дел од сценографијата и визуелните елементи беше прикажан симбол кој потсетува на македонското државно знаме, но сонцето има повеќе зраци од оние на официјалното знаме.
Спектаклот, во режија на Дејан Пројковски, е замислен како современо сценско патување низ музика, театар и поезија, со кое се раскажува приказната за македонската држава, нејзините успеси, загуби, пресврти и генерации. Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи настапија пред публиката во Охрид.
Охрид е почетната точка на турнејата која треба да посети 11 македонски градови, а завршниот настан е најавен во Скопје на 4 септември.

Како изгледа официјалното македонско знаме?
Официјалното државно знаме на Македонија е црвено, со жолто сонце во средината. Од сонцето се простираат осум сончеви зраци кои се шират кон рабовите на знамето.
Токму тука се забележува разликата со симболот прикажан на настанот во Охрид. На дел од визуелите може да се забележи сонце со поголем број зраци, поради што се поставува прашањето дали станува збор само за уметничка стилизација или за употреба на изменета верзија на државното знаме.
Доколку симболот бил претставен и користен како државно знаме, прашањето добива и правна димензија. Законот ја регулира формата и начинот на употреба на државните симболи и предвидува санкции за нивна употреба спротивно на законските одредби.
Сепак, за да се утврди дали во конкретниот случај навистина станува збор за прекршување на Законот, потребно е да се утврди дали спорниот визуелен елемент бил употребен како официјално државно знаме или станува збор за сценографско и уметничко решение инспирирано од него.
Останува и прашањето кој го одобрил визуелниот идентитет на манифестацијата посветена токму на 35 години македонска независност и дали надлежните ќе го разгледаат случајот.

