Skip to main content
Магазин

Речиси четвртина од пилотите во Европа продолжуваат со работа и покрај голем замор

27/10/2026  20:54

Според анкетата на Европската асоцијација на пилоти (ЕЦА), речиси четвртина од пилотите во Европа (24 отсто) признале дека вообичаено продолжуваат да летаат и кога се чувствуваат уморно, додека 16,8 отсто изјавиле дека во такви ситуации отвораат боледување.

„Гардијан“ пренесе дека тројца од четворица пилоти доживеале микро сон во пилотската кабина, додека речиси четвртина, и покрај заморот продолжуваат со работа.

Анкетата на која учествувале речиси 7.200 капетани и копилоти, покажала дека речиси половина од испитаниците стравуваат од негативни последици доколку пријават дека се заморни, а само 11,9 отсто веруваат дека авиокомпаниите би имале разбирање во такви ситуации. Други пак, се плашат дека раководството би им се одмаздило поради тоа.

Двајца од пет пилоти кои работат за шпански авиокомпании изјавиле дека работат и кога не се чувствуваат способни, како и една третина пилоти од ирски и француски авиокомпании. Само 15,6 отсто од пилотите во нискобуџетните авиокомпании веруваат дека нивната компанија соодветно управува со ризиците поврзани со заморот.

Според капетанката Тања Хартер, претседателка на ЕЦА, авиокомпаниите и регулаторните тела треба да ја преземат одговорноста за справување со овој проблем, наместо целиот товар да паѓа на пилотите.

Хартер се обратила до ЕЦА да го сфати сериозно овој проблем и да постави поголеми норми до авиокомпаниите кои ќе мора да се почитуваат.

– Проблемите се идентификувани, решенија постојат, а ние, како европска пилотска заедница, сме подготвени да придонесеме. Она што сега е потребно е политичка волја за дејствување, изјавила Хартер.

Според Ијан Холдер, генерален директор на консултантската компанија за безбедност во авијацијата „Бајнс Симонс“, резултатите од анкетата се доволен показател за големите разлики помеѓу авиокомпаниите и националните власти поврзани со заморот кај пилотите.

– Анкетата покажува како европските пилоти се справуваат со ризиците како последица од заморот, изјавил Холдер, истакнувајќи ги Финска и Холандија како пример за грижа кон своите вработени.

„Авиокомпаниите се должни да имаат системи за идентификување, следење и управување со заморот кај членовите на екипажот“, се наведува во европските норми за безбедност во воздушниот сообраќај.