Skip to main content
Македонија

Миноски бара „рестартирање на системот“ и проверка на потеклото на имотот на функционерите од 1990 година

17/11/2026  00:03

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски предлага независна проверка на потеклото на имотот на функционерите и на лицата што управувале со јавни пари, со опфат од 1990 година до денес. Во објава на Фејсбук со наслов „Рестартирање на системот“, тој оценува дека Македонија се соочува со длабока системска криза и предупредува дека партизацијата, корупцијата и неказнивоста ја загрозуваат економската одржливост на државата.

Миноски пишува дека во изминатите три децении се менувале владите, министрите и директорите, додека механизмите на партиско влијание и злоупотреба на јавните ресурси опстојувале. Според него, поврзаноста меѓу политичката моќ, деловните интереси и контролата врз јавните пари создала систем во кој јавните функции служат за стекнување приватни привилегии, а високата корупција останува неказнета.

„Создаден е систем на партиократија, кој стана посилен од институциите, па дури и од самата држава“, пишува Миноски.

Како прва мерка, тој предлага посебен законски механизам за систематска и независна проверка на имотот и приходите. Проверката, според него, треба да ги опфати и лицата што имале влијание врз јавните одлуки, како и имотот стекнат преку поврзани лица и фирми, за да се утврди кој е вистинскиот сопственик на имотот и капиталот.

Миноски наведува дека целта е да се утврди дали стекнатиот имот може да се оправда со остварените приходи. Ако се појават индиции за незаконско стекнување, предлага да следуваат финансиски истраги, привремено обезбедување на имотот кога се исполнети законските услови и судски постапки за конфискација. За проверка на имотот и капиталот во странство, тој бара меѓународна соработка и размена на информации за финансиските текови.

Во вториот предлог, Миноски бара независно судство и обвинителство со објективни критериуми за избор, унапредување, оценување и утврдување одговорност на судиите и обвинителите. Според него, примената на законот мора да биде еднаква за сите, без оглед на политичката припадност, финансиската моќ или општественото влијание.

Департизацијата на институциите е третата мерка што ја предлага. Миноски смета дека раководните позиции треба да се пополнуваат преку отворени и конкурентни постапки, врз основа на знаење, искуство, интегритет и резултати. Тој бара и укинување на непотребните управни и надзорни одбори, за кои оценува дека служат за згрижување партиски кадар и трошат јавни средства.

„Буџетот не смее и не може да биде партиска каса, а јавните претпријатија изборен плен и место за неконтролирано вработување на непотребен кадар“, наведува поранешниот министер.

Тој бара секој буџетски расход да има јасна цел и мерлив ефект. Посочува и дека државното задолжување создава обврски за сегашните и идните генерации, а користењето на јавните добра и ресурси треба да се одобрува во транспарентни постапки што го штитат јавниот интерес.

Како петта мерка, Миноски предлага нов општествен договор со поголема граѓанска контрола врз власта и активно учество на јавноста во креирањето на политиките. Тој повикува во јавниот живот да се вклучат професионалците, претприемачите, интелектуалците и младите, со цел да се постават нови стандарди за политичка одговорност и управување со институциите.