Skip to main content
Економија

Пуштањето на интерконекторот со Грција се планира за 2027 година

06/11/2026  12:50

Гасниот интерконектор со Грција, според најавите на министерката за енергетика Сања Божиновска треба да биде завршен во 2027 година. Покрај поставувањето цевки, засега преостануваат и други технички и тестирачки активности и според Божиновска по заварувањето следуваат дополнителни градежни, технички и тестирачки работи.

Македонската гасна мрежа е поврзана само со бугарскиот систем. Новиот интерконектор треба да ја дополни таа инфраструктура со поврзување со грчката преносна мрежа. За потрошувачите, очекуваната корист е поголемата сигурност на снабдувањето и можноста пазарот да добива гас преку повеќе извори. Во образложението за својата поддршка, ЕИБ наведе дека поврзувањето со поразновидниот грчки пазар треба да ја зголеми конкуренцијата и да овозможи алтернатива во услови на недостиг.

Должина на трасата на македонска територија е 66,7 километри за кој има заокружена финансиската конструкција со обезбедени 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а во новата тендерска постапка е добиена понуда која е пониска за над 10 милиони евра.

Инаку гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција е еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти за државата и регионот. Со неговата реализација, државата ќе обезбеди пристап до нови извори на природен гас, ќе ја зајакне енергетската сигурност на државата и ќе го унапреди своето позиционирање во регионалната и европската енергетска инфраструктура преку планирано понатамошно поврзување кон Србија и Централна Европа.