Skip to main content
Свет

Пронајдени 12 мртви на брод со мигранти во близина на Крит

09/11/2026  08:56

Грчките власти утрово пронајдоа 12 мртви лица на брод со мигранти што пловел јужно од Крит. Товарен брод што минувал низ областа спасил уште 18 лица од истиот брод, објави грчката крајбрежна стража, пишува АП .

Засега нема информации за идентитетот на загинатите или околностите на нивната смрт. Според крајбрежната стража, бродот е пронајден утрово на околу 28 километри јужно од Крит.

Пронајдени уште два брода со мигранти

Грчката крајбрежна стража пронајде уште два чамци со мигранти јужно од Крит. На едниот имало 47 лица, а на другиот 40. Сите се транспортирани до пристаништето на јужниот брег на островот.

Во последните месеци, илјадници мигранти се обидоа да ја преминат опасната морска рута од Северна Африка до Грција. Грција е на една од најчесто користените миграциски рути кон Европа, која ја користат луѓе кои бегаат од конфликти и сиромаштија во Африка, Блискиот Исток и Азија.