
Утрово во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје е пронајдено телото на Лирим Хајредини, дознава 4news.mk.
Според првичните информации со кои располага 4news.mk, се работи за самоубиство. Местото е обезбедено од полициски службеници, а се очекува телото да биде предадено на обдукција, по што треба да бидат познати повеќе детали за случајот.
Хајредини беше долгогодишен медиумски професионалец и повеќе од 16 години ја извршуваше функцијата оперативен директор во националната телевизија на албански јазик „Алсат“.
Во текот на својата професионална кариера стекна долгогодишно искуство во медиумскиот сектор, особено во областа на менаџментот, маркетингот, бизнис-стратегиите и телевизиската продукција.
Покрај менаџерската и медиумската кариера, Хајредини работел и како преведувач на стручна литература.
Засега нема официјални информации од надлежните институции за околностите под кои настапила смртта. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на увидот и обдукцијата.

