Skip to main content
Скопје

„Призма“: Коњи шетаат низ Скопје, институциите чекаат инцидент

19/10/2026  17:17

Несекојдневна сцена за време на Скопскиот маратон го привлече вниманието на јавноста, откако кобила се породи сред улица во скопската општина Карпош. Фотографијата од животното и новороденото ждребе брзо се прошири на социјалните мрежи, отворајќи го повторно прашањето за неконтролираното движење на коњи и друг добиток низ урбаните средини, пишува „Призма“.

Иако присуството на коњи по скопските улици, паркови и тротоари одамна не е реткост, породувањето на кобила сред сообраќајница ја покажа сериозноста на проблемот, како од аспект на безбедноста на граѓаните, така и од аспект на заштитата на животните.

За да бидат отстранети кобилата и новороденото ждребе од сообраќајницата, морале да интервенираат повеќе институции.

Жителите на Карпош подолго време алармираат дека коњи слободно се движат низ населбите, пасат по зелените површини и се појавуваат на улиците, создавајќи ризик за возачите, пешаците и самите животни.

Проблемот не е ограничен само на оваа скопска општина. Запрежни коли и коњи редовно можат да се забележат и на сообраќајниците во други делови од главниот град, но и во повеќе градови низ Македонија.

Освен што можат да предизвикаат сообраќајни незгоди, животните често ги оштетуваат јавните зелени површини и жардиниерите, додека нивното неконтролирано движење во близина на луѓе може да претставува дополнителна опасност.

Од друга страна, ваквите услови се штетни и за самите животни. Движењето меѓу автомобили, пасењето на јавни површини и изложеноста на сообраќајни ризици отвораат сериозни прашања за нивната благосостојба и за одговорноста на сопствениците.

Случајот со кобилата што се породи на улица во Карпош повторно го актуализира прашањето кој е надлежен да го контролира движењето на добитокот во урбаните средини и зошто проблемот со години останува присутен.

Иако за постапување се надлежни повеќе институции, коњите и понатаму се секојдневна глетка на јавните површини, а последниот случај покажува дека последиците од недоволната грижа можат да бидат сериозни и за граѓаните и за животните.

Целата сторија на „Призма“ е достапна на следниот линк.