
Хусеин Џаши, член на проиранската фракција „Лојалност кон отпорот“ во либанскиот парламент и претставник на либанската милитантна група Хезболах, оцени дека Иран излезе од војната посилен од претходно. Зборувајќи за неодамнешните случувања во земјата и регионот, Џаши рече дека војната што ја започнаа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да го урнат или ослабат Иран, заврши со проширување на иранското регионално влијание и неповолна за напаѓачите, објави денес иранската новинска агенција Тасним.
„Нашиот регион денес е сведок на голем американско-ционистички заговор за воспоставување доминација во регионот и ограбување на ресурсите. Но, проектот на отпорот ја отфрла американската доминација и хегемонија. Сите видоа дека американско-израелската војна против Иран не постигна ниту една од своите цели, а Американците до ден-денес не успеаја да го деблокираат Ормутскиот теснец“, рече Џаши.
Тој посочи на внатрешната криза во ционистичкиот режим и отпуштањето на воените и безбедносните службеници откако израелскиот режим не успеа да ги постигне своите цели против Иран.
„Разузнавачката служба Мосад отпушти двајца од своите високи функционери и ги смета за одговорни за неуспехот на разузнавачките активности поврзани со соборувањето на иранскиот режим“, рече Џаши, предупредувајќи на опасноста од директни преговори со Израел и „елиминирање на принципот на непријателство кон ционистичкиот ентитет“.

