
Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија, и Министерството за семејство и социјални услуги на Република Турција потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во областа на социјалните услуги.
Документот го потпишаа министерот за социјална политика, демографија и млади, на Република Северна Македонија, Ѓоко Велковски и министерката за семејство и социјални услуги на Република Турција, Махинур Оздемир Гокташ.
Меморандумот претставува основа за продлабочување на институционалната соработка и размена на знаења, искуства и добри практики во повеќе области од значење за унапредувањето на социјалната заштита и благосостојбата на граѓаните.
Соработката опфаќа области поврзани со јакнењето на семејството, развојот и унапредувањето на социјалните услуги за семејствата, жените, децата, лицата со попреченост и постарите лица, како и подобрување на социјалната интеграција на лицата со зависности.
Посебно внимание е предвидено и на унапредувањето на политиките и услугите за вработување на лицата со попреченост и нивното целосно и ефективно учество во општеството, поддршката на активното стареење, развојот на услугите за деца, јакнењето на жените и развојот на механизми за соработка во борбата против насилството врз жените.
Меморандумот предвидува и размена на искуства во областа на социјалната помош, практиките на социјалните услуги, нивното следење и евалуација, како и примена на културни, демографски и социоекономски анализи за унапредување на условите за живот на граѓаните Роми.
Соработката меѓу двете министерства ќе се реализира преку размена на знаења, документи и најдобри практики, размена на експерти, како и организирање конференции, семинари и стручни состаноци.
„Со потпишувањето на овој Меморандум создаваме дополнителна основа за размена на искуства и знаења и за унапредување на социјалните политики и услуги. Нашата цел е добрите практики и искуства да ги претвориме во конкретни решенија кои ќе придонесат кон подобар квалитет на живот и посилна социјална заштита за граѓаните”, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Со Меморандумот се воспоставува рамка за континуирана институционална комуникација и координација меѓу двете министерства, со цел размена на искуства и заедничко унапредување на политиките и услугите во областа на социјалната заштита.
Меморандумот е склучен за период од пет години, со можност за автоматско продолжување.

