
Пукната топловодна цевка утрово предизвика поплава на првиот кат од административната зграда „Нова Македонија“ во Скопје, во која се сместени повеќе државни институции.
Поради поплавата и опасноста за електричните инсталации, од безбедносни причини е исклучена електричната енергија во целиот објект. Како последица на тоа, не функционираат лифтовите, компјутерските системи и серверите, што го отежнува редовното работење на институциите сместени во зградата.
Технички екипи се на терен и работат на испумпување на водата, утврдување на состојбата и санација на дефектот на топловодната инсталација.
Според првичните информации, постои можност зградата да остане без електрична енергија и во наредните денови, во зависност од обемот на штетата и времето потребно за безбедно повторно вклучување на електричната мрежа.
Во административната зграда „Нова Македонија“ се сместени повеќе државни институции, меѓу кои Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државната изборна комисија, делови од Министерството за економија и труд, како и други државни агенции и управи.


