
Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на вчерашниот ден, во периодот од 17:00 до 23:00 часот, била спроведена засилена акциска контрола на целата територија на државата, насочена кон санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на мотоцикли.
Во акцијата биле санкционирани 222 возачи на мотоцикли, а најголем дел од прекршоците се однесувале на некористење заштитна кацига. Дури 186 возачи биле затекнати како управуваат мотор без задолжителната заштитна опрема.
Покрај тоа, 14 возачи биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик. Според МВР, сите приведени управувале мотоцикли без да поседуваат возачка дозвола, а 14 мотоцикли биле одземени.
За време на контролата биле евидентирани и 197 други сообраќајни прекршоци, сторени од останатите учесници во сообраќајот.
Од Министерството најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од МВР.



