
По седум години судска постапка, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, соопшти дека е ослободен од обвиненијата во предметот „Меѓународен сојуз“, откако Апелациониот суд во Скопје ја преиначил првостепената осудителна пресуда и донел ослободителна одлука за него и за останатите обвинети.
Информацијата најпрво ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, по што Јовановски се огласи и преку социјалните мрежи, оценувајќи ја судската одлука како голема лична победа по долгогодишната правна битка.
„По седум години, денеска сум ослободен од сите обвиненија и огласен сум за невин!“, напиша Јовановски.
Тој упати остри критики кон поранешната обвинителка Вилма Рускоска и судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која ја донела првостепената пресуда, оценувајќи дека обвинението и претходната судска одлука претставувале „правна кривотворевина“.
Јовановски посочи дека изминатите седум години биле исклучително тежок период за него, неговото семејство и најблиските, но дека не се откажал од борбата да ја докаже својата невиност.
„Правдата е спора, но достижна! Ова е победа над злото! Благодарам на сите кои што ми беа вистинска поддршка сите овие години! Нека живее вистината и правдата“, порача Боки 13.
Во октомври 2025 година, во повторената постапка за предметот „Меѓународен сојуз“, Јовановски беше осуден на пет години затвор за кривичните дела измама и перење пари.
Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од уплатените средства, како што тврдеше обвинителството, биле искористени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.
Првично, во 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелациониот суд во 2024 година ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.
По повторената постапка следуваше нова осудителна пресуда, која, според денешното соопштение на Јовановски и неговата одбрана, сега е преиначена во ослободителна.
Со ваквата одлука на Апелациониот суд завршува долгогодишната судска постапка за предметот „Меѓународен сојуз“, кој изминатите години предизвикуваше големо внимание во македонската јавност.


