
Едно лице загина, а според најновите информации три лица се повредени во страшна воздухопловна несреќа што се случи денеска, 3 ноември, во Непал, кога два хеликоптера се судрија во воздух додека се обидувале да слетаат во близина на Монт Еверест.
Несреќата се случила во областа Фериче, на надморска височина од околу 4.200 метри, во регионот Солукумбу, кој е една од најпосетуваните области од туристите и планинарите што се упатуваат кон највисокиот врв во светот.
Според информациите од локалните власти, загинатиот е 47-годишен турист од Индија, идентификуван како Васант Кумар Баларамуду. Меѓу повредените се државјанин на Нов Зеланд со индиско потекло и пилотите на двата хеликоптера.
Во несреќата учествувале хеликоптери на приватните компании „Fishtail Air“ и „Air Dynasty“, кои извршувале летови во регионот на Еверест.
Драматичниот момент на судирот е снимен со камера, а видеото што го објавија повеќе медиуми, покажува како двата хеликоптера се приближуваат еден кон друг непосредно пред слетувањето, по што доаѓа до судир и нивно уривање.
На снимките се гледа и како присутните на местото панично бегаат за да се спасат од леталата.
Повредените биле згрижени од спасувачките екипи, а дел од нив биле транспортирани во болница за понатамошно лекување.
Според првичните информации од непалските воздухопловни власти, можна причина за несреќата е недоволна комуникација меѓу пилотите, бидејќи подрачјето се наоѓа надвор од покриеноста на контролата на летање на аеродромот во Лукла. Сепак, точната причина допрва треба да биде утврдена со истрагата.
Хеликоптерскиот превоз е исклучително важен во овој дел од Непал, каде што поради непристапниот планински терен нема патишта до голем дел од туристичките и планинарските локации.
Леталата секојдневно се користат за превоз на туристи, снабдување и спасувачки операции, но високата надморска височина и непредвидливите временски услови претставуваат сериозен предизвик за безбедноста на летовите.

