
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ со жестока реакција му возврати на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по денешната прес-конференција на Бихаќка, обвинувајќи го актуелното раководство дека не го претставува вистинското членство на партијата.

„Ја разбираме денешната нервоза, но вакви манипулации нема да одмолчиме“, порачаа организаторите на Платформата во објава на Фејсбук.
Од „12:05“ тврдат дека Филипче и тесната група околу него всушност претставуваат фракција во СДСМ.
„Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството, туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа“, се наведува во реакцијата.
Од Платформата тврдат дека, и покрај притисоците врз партиското членство, на прес-конференцијата Филипче успеал да собере дел од раководството и околу стотина луѓе во публика. Според нив, тоа претставува помалку од еден процент од бројот на гласови што, како што велат, Филипче наводно ги освоил на внатрепартиските избори.
Во реакцијата се осврнуваат и на критиките поради учеството на претставници на Левица на втората сесија на „Разговори за иднината во 12:05“.
Од Платформата велат дека со Левица имаат бројни разлики за различни политички прашања, но дека постои согласност околу една работа.
„Со Левица ние имаме многу разлики за различни прашања, но сме согласни за едно – ‘на ти, дај ми’ тандемот Мицкоски-Филипче мора да биде поразен“, порачаа од „12:05“.
Организаторите ја бранат и вчерашната втора сесија на Платформата, оценувајќи дека на неа се водела идеолошка, експертска и демократска дебата каква што, според нив, во СДСМ не се случила со години.
Тие изнесуваат и сопствена политичка проценка дека учесниците собрани околу масата на Платформата претставуваат потенцијал од најмалку 150 илјади гласа.
Истовремено, од „12:05“ упатуваат сериозни обвинувања кон Филипче, тврдејќи дека со своето однесување ги одвраќа опозициските гласачи од СДСМ. Во статусот се тврди и дека Филипче е „уценет“ и дека „мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ“, без да се наведат докази за ваквите обвинувања.
„Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност е ова изгубено партиско раководство на Бихаќка, чија единствена цел им е да се докопаат до пратенички мандати“, стои во реакцијата.
Платформата смета дека мнозинството од членството на СДСМ може самостојно да процени кој и за што се бори во актуелните внатрепартиски превирања.
Во завршницата на статусот следуваат и најострите квалификации на адреса на лидерот на СДСМ.
„Венко Филипче не е, и не може лажно да ѝ се продава на јавноста како жртва, бидејќи тој е егзекуторот на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија“, обвинуваат од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“.

