Skip to main content
Македонија

Петров: Резултатот на СДСМ на локалните избори беше искрата за „12:05“

29/09/2026  20:29

Проф. д-р Андреј Петров, еден од учесниците во иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ зборуваше за причините за нејзиното формирање, состојбите во СДСМ и потребата од промени во опозицискиот блок.

Според Петров, иницијативата произлегува од оценката дека во македонското општество постои потреба од промени, но и од незадоволството од актуелните политички состојби.

„Ако не го направиме тоа ние, кои сме биле практично низ генерации и низ децении во СДСМ, кој би очекувал тоа да го направи?“, рече Петров, објаснувајќи зошто тој и неговите соработници решиле да се вклучат во иницијативата.

Како момент што дополнително ги поттикнал разговорите, тој го посочи резултатот на СДСМ на последните локални избори.

„Искрата беше скандалозниот резултат на локалните избори“, рече Петров, посочувајќи дека резултатот од околу 125.000 гласови е особено низок во споредба со изборната поддршка што партијата ја имала во минатото.

Тој направи споредба со парламентарните избори во 2011 година, кога, како што рече, бил шеф на изборниот штаб, а СДСМ освоил околу 370.000 гласови.

„Кога сме имале 370, сега имаме 125 илјади гласа како партија“, рече Петров.

Според него, ваквиот пад на поддршката е еден од сигналите дека се потребни сериозни промени.

Петров нагласи дека разговорите кои довеле до создавање на „12:05“ не почнале неодамна, туку траеле подолг период и во нив биле вклучени голем број луѓе.

„Ние сме го дискутирале тоа многу време, помеѓу нас со огромен број луѓе“, рече тој.

Како што посочи, се разговарало особено со луѓе од левиот и центар-левиот политички спектар, но и со лица со кои претходно немале политички контакти.

Тој нагласи дека иницијативата, барем во досегашната фаза, не е насочена кон конкретен политичар или партиски функционер. Намерата, според него, е да се отвори поширока дискусија за состојбите во државата и да се бараат точки околу кои може да се изгради заедничка платформа.

Петров оцени дека власта во моментов има значителна поддршка, додека опозицијата има проблем да го прошири кругот на граѓани кои ја поддржуваат. Токму поради тоа, рече тој, иницијаторите на „12:05“ настојуваат да разговараат со поширок круг луѓе и да ги утврдат темите околу кои постои согласност.

Во гостувањето Петров се осврна и на 35-годишниот период од независноста на Македонија. Според него, државата во изминатите децении постигнала значајни работи, но истовремено направила и сериозни пропусти.

„Можеше многу подобро да се направи“, рече Петров, посочувајќи дека критичкиот однос кон досегашните политики треба да биде основа за разговор за тоа како државата треба да се развива во иднина.

Меѓу проблемите ги издвои последиците од транзицијата, зголемената економска нееднаквост, иселувањето на младите и недостигот на перспектива кај дел од граѓаните.

„Множество луѓе млади кои се иселија од државата, множество други кои не веруваат дека има перспектива во државата“, рече Петров.

Тој порача дека, без оглед на политичката определба, потребно е да се разговара за решенија што ќе ги подобрат состојбите и ќе создадат поголема перспектива за граѓаните.