Skip to main content
Скопје

Петарди предизвикале пожар во паркот „Капиштец“, граѓаните бараат реакција од полицијата

25/09/2026  00:00

Група малолетници и помлади лица кои секојдневно користат пиротехнички средства во Капиштец, ноќва, според објава на Фејсбук-групата „За пристоен Капиштец“, предизвикале пожар во паркот.

Како што наведуваат од групата, при пукање петарди било запалено дрво, а постоела опасност огнот да се прошири кон околните објекти.

„Ноќва, при пукање на петарди овие млади лица успеаја да запалат дрво во паркот ‘Капиштец’ и за малку пожарот не се прошири кон околните згради и трафостаници“, се наведува во објавата.

Жителите посочуваат дека проблемот не е од денес. Според нив, покрај гласната музика, во овој дел од населбата секојдневно се користат пиротехнички средства.

Од групата тврдат дека ваквите случаи редовно ги пријавуваат во полиција, но, според нивните наводи, досега немало навремена реакција.

По вечерашниот инцидент, жителите бараат надлежните институции да реагираат и да утврдат кој го предизвикал пожарот.

„Се надеваме на брза реакција од надлежните за пронаоѓање на личноста која го предизвика пожарот“, порачаа од „За пристоен Капиштец“.

Засега нема официјални информации од надлежните институции за причината за пожарот или за евентуално идентификување на лицата кои го предизвикале.