Skip to main content
Македонија

Пеколните жештини продолжуваат, постарите лица најпогодени, ИЈЗ со препораки

10/08/2026  11:39

Високите температури во Македонија продолжуваат и втора недела, а Институтот за јавно здравје предупредува дека најголем ризик имаат повозрасните лица, хронично болните и луѓето кои редовно користат терапија.

Според ИЈЗ, лицата над 65 години потешко се приспособуваат на продолжена изложеност на жештина, а одредени лекови дополнително можат да влијаат врз начинот на кој организмот ја регулира температурата. Терапијата, сепак, не треба да се менува или прекинува без консултација со лекар.

Препораката е директното изложување на сонце да се избегнува особено меѓу 11 и 17 часот, а во најжешкиот дел од денот да се намали и физичката активност на отворено. ИЈЗ советува редовно внесување вода, без да се чека чувството на жед, како и избегнување алкохол и ограничување на пијалаците со кофеин.

За работниците кои работат на отворено или во простории со високи температури веќе е активирана Фаза 2 од Акцискиот план за заштита од топлотни бранови. ИЈЗ ги издвојува градежните и комуналните работници, земјоделците, доставувачите, сообраќајната полиција и вработените во производствени погони, пекарници, кујни и леарници како особено изложени категории.

Работодавачите се повикуваат да обезбедат почести паузи, вода за пиење, засенчени или разладени простории и, каде што е можно, работните активности да ги организираат така што најтешките задачи нема да се извршуваат во најжешките часови.

Од ИЈЗ посочуваат дека рани знаци на топлотна исцрпеност или топлотен удар можат да бидат вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, силно потење или ненадеен прекин на потењето и конфузија. При сомневање за топлотен удар треба веднаш да се повика медицинска помош на 194 или 112, а лицето да се премести во ладен простор и да започне разладување.

Во домовите се препорачува просториите да се засенчуваат во текот на денот и да се проветруваат кога надворешната температура е пониска. ИЈЗ советува и меѓу 13 и 17 часот, доколку е можно, да не се користат рерни, шпорети и други апарати што дополнително го загреваат просторот.