Skip to main content
Свет

Пакистан тврди дека соборил пет индиски борбени авиони и дрон, Индија ги демантира тврдењата

07/05/2025  08:56


Пакистански безбедносни извори тврдат дека собориле пет борбени авиони на индиските воздухопловни сили и едно беспилотно летало за време на најновиот индиски напад, јавуваат дописниците на Си-Ен-Ен. Според соопштението за медиумите, станува збор за три француски авиони од типот „Рафал“, еден „МиГ-29“, еден „СУ-30“ и едно извидувачко беспилотно летало „Херон“, кои, како што велат пакистанските власти, биле соборени во одбранбена акција.

Информацијата ја потврди и висок функционер на пакистанската влада, иако во извештајот не се прецизира точната локација или начинот на кој биле соборени авионите. Според претходни изјави на пакистански претставници, во првата фаза од нападот биле соборени три авиони и едно летало, а дополнителни два авиона биле соборени подоцна.

Индија, пак, преку својата амбасада соопшти дека воената операција на пакистанска територија била „фокусирана и прецизна“ и дека не биле нападнати цивилни, економски или воени цели. „Акциите беа одмерени, одговорни и дизајнирани да не ескалираат“, се наведува во соопштението, додавајќи дека цел биле само „познати терористички кампови“.

Сепак, пакистански извори тврдат дека во индиските напади загинале најмалку осум цивили, меѓу кои и жени и деца. Дополнително, според нив, три индиски борбени авиони и еден дрон биле соборени длабоко во индиска територија.

Си-Ен-Ен нагласува дека не може независно да ги потврди овие тврдења.

Во реакцијата од индиската амбасада се додава дека „јасно е оти терористите со седиште во Пакистан се одговорни за нападот од минатиот месец во Кашмир“, при што загинаа 26 лица, претежно туристи.

Инцидентот претставува ново заострување на тензиите меѓу двете нуклеарно вооружени соседни држави.