Skip to main content
Македонија

„Платформата 12:05“: Дали бегството на Ива Михајлова е договорено на средбата Муцунски – Чамова во Софија?

13/10/2026  08:52

Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ излегоа со остра реакција по информациите за бегството на бугарската државјанка Ива Михајлова, поврзана со сообраќајна несреќа со смртен исход, барајќи итна политичка и институционална одговорност, како и неотповикливи оставки од министрите за внатрешни работи, надворешни работи и правда.

Во реакцијата, насловена „На политичкото водство на државните институции им е неопходна шок-терапија“, организаторите оценуваат дека последниот случај претставува уште еден сериозен удар врз довербата во институциите и способноста на државата да обезбеди владеење на правото.

„Не постои посилен аргумент од уште едно скандалозно бегство преку граница, како ова на Ива Михајлова, дека за иднината на Македонија времето е 12:05“, се наведува во реакцијата.

Од иницијативата потсетуваат на повеќе случаи од изминатите 35 години во кои лица осомничени, обвинети или осудени во различни постапки ја напуштиле државата или биле недостапни за македонските правосудни органи.

Меѓу нив ги споменуваат Драган Даравелски, Никола Груевски, Горан Грујовски, Никола Бошковски, Васко Ковачевски, како и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, поврзани со случајот „Монструм“. Во реакцијата се споменуваат и Артан Груби и Прпарим Бајрами, при што организаторите оценуваат дека ваквите случаи покажуваат сериозни слабости во функционирањето на институциите.

Според нив, особено загрижувачки е што за претходните случаи, како што тврдат, изостанала соодветна институционална одговорност.

Организаторите го поврзуваат случајот со одбележувањето на 85-годишнината од антифашистичкото востание во Прилеп и Куманово, оценувајќи дека можноста лице со одземени патни исправи да ја напушти државата претставува сериозно понижување за институциите.

„Нашите предци ги дадоа животите борејќи се за Македонија да биде држава, а не ‘хотел промаја’“, се наведува во соопштението.

Во реакцијата се поставува и директно прашање до Владата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, поврзано со неодамнешната средба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската претставничка Велислава Петрова-Чамова во Софија.

Од „12:05“ бараат Владата да одговори дали на оваа средба евентуално било разговарано или договорено бегството на Ива Михајлова, поставувајќи и прашање дали случајот би можел да биде искористен како повод за предвремени парламентарни избори, по кои би следувал процес на уставни измени.

Станува збор за сомнежи и прашања изнесени од организаторите на иницијативата, без приложени докази во соопштението за постоење таков договор.

Доколку Владата ги отфрли овие сомнежи, од иницијативата бараат, како што наведуваат, да признае целосна институционална неспособност и да побара помош од надлежните меѓународни стратешки партнери.

Тие предупредуваат дека неодговорното управување со државните граници, според нивната оценка, може да предизвика дополнителни проблеми во односите со Европската Унија и НАТО, па дури и да го отвори прашањето за безвизниот режим со ЕУ.

Како конкретно барање, организаторите инсистираат министрите за внатрешни работи, надворешни работи и правда веднаш да поднесат неотповикливи оставки.

Реакцијата е насочена и кон Европската комисија, од која се бара да изврши притисок врз официјална Софија за Ива Михајлова без одлагање да им биде предадена на македонските правосудни органи.

Од иницијативата дополнително ја обвинуваат бугарската страна за политички провокации и предупредуваат дека ваквите случувања можат да придонесат за зголемување на незадоволството во македонската јавност.

Според нив, поради ваквите настани и, како што велат, понижувања и тврдења за непостоечка дискриминација од страна на политички актери во Бугарија, во Македонија расте притисокот за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.

„Во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи“, предупредуваат организаторите.

На крајот од реакцијата, организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ изразуваат сочувство и солидарност со граѓаните, нагласувајќи дека го делат чувството на срам поради состојбите во државата.

„Сочувствуваме и го делиме срамот со граѓаните и целокупната јавност за тоа што ѝ се случува на Македонија“, се наведува на крајот од соопштението.