Skip to main content
Свет

ОН: Израел намерно ги напаѓал децата во Појасот Газа

23/06/2026  20:52

Израелските власти и безбедносните сили намерно ги таргетирале палестинските деца, поради што нападите се окарактеризирани како геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени во Појасот Газа и во окупираниот Западен Брег, се наведува во денеска објавениот извештајот на Независната истражна комисија на Обединети нации.

Извештајот на Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираната палестинска територија, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, и во Израел ги испитува прекршувањата на правата на палестинските деца од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври 2023 година.

Околу 30 отсто од загинатите во војната во Газа биле деца, се наведува во извештајот.

Претходниот извештај на Комисијата во септември покажа дека Израел извршил геноцид во Газа и дека високи израелски функционери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, го охрабрувале, што Израел ги нарече скандалозни наводи.

Израелската мисија во Женева соопшти дека Израел го отфрла, како што вели, „уште еден клеветнички извештај“.

„Израел ја отфрла оваа клеветничка фарса“, се вели во соопштението. Се додава дека „секое дете заслужува заштита“, тврдејќи дека извештајот ги игнорирал „бруталните тактики на Хамас“.

Комисијата на ОН вели дека палестинските деца биле намерно цел и убиени за време на војната, вклучително и по стапувањето на сила на примирјето во октомври 2025 година. Тврди дека тоа е клучен елемент што ја утврдува геноцидната намера на израелските власти и безбедносните сили да ја уништат палестинската група, целосно или делумно, во Газа.

„Доказите покажуваат дека израелските безбедносни сили намерно целеле и убиле палестински деца“, рече претседателот на комисијата, Сринивасан Муралидар, во изјавата што ја придружуваше извештајот.

Извештајот покажа дека процентот на убиени деца е поголем отколку во претходните конфликти. Помеѓу 7 октомври 2023 година и 7 октомври 2025 година, убиени се најмалку 20.179 деца, што претставува околу 30 отсто од вкупниот број на смртни случаи.

За споредба, во конфликтите во Газа од 2008 до 2009 година и во 2014 година, децата учествуваа со околу 24 отсто од жртвите поврзани со конфликти, се вели во извештајот.