
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против едно лице осомничено за насилство врз лекар гинеколог во приватна ординација во склоп на поликлиниката „Букурешт“.

Според досега обезбедените докази, нападот се случил на 16 септември, додека лекарот бил на своето работно место. Обвинителството соопшти дека осомничениот му се заканувал и физички го нападнал со повеќе удари. Настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други лица присутни во ординацијата.
Против осомничениот е донесена наредба за спроведување истражна постапка за кривичното дело насилство. Јавниот обвинител предложил повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана осомничениот да се приближува до лекарот и до ординацијата. За предлогот треба да одлучи судија на претходна постапка.

