Skip to main content
Економија

НБРМ предвидува годишна инфлација од 4% во 2026 година

07/05/2026  12:38

Советот на Народната банка, на седницата одржана на 7 мај 2026 година, ги разгледа и ги усвои најновите макроекономски проекции, содржани во Кварталниот извештај на Народната банка.

Во Извештајот е заклучено дека светската економија и понатаму се соочува со значителни ризици. По растот од 3,4% во 2025 година, се очекува умерено забавување на светскиот раст, којшто би се свел на 3,1% во 2026 година, додека светската инфлација е нагорно ревидирана. Главниот извор на неизвесност и натаму се геополитичките конфликти, особено ескалирањето на состојбата на Блискиот Исток, што значително влијае врз цените на примарните производи и трговските текови.Засега, според основните сценарија на меѓународните институции се претпоставува брзо завршување на конфликтот, односно не се очекува дестабилизирање на инфлациските очекувања, ниту поголемо затегнување на светските финансиски услови.

Во однос на домашната економија, најновите макроекономски проекции исто така се потпираат на умерено сценарио, според кое се очекува поскоро завршување на конфликтот, нормализирање на снабдувањето со нафта и постепено намалување на цените во втората половина од годината. Според овие проекции, се очекува дека инфлацијата ќе изнесува околу 4% во 2026 година, при што стабилизирањето ќе биде побавно во услови на повисоки цени на енергентите и храната. Во наредниот период се очекува постепено намалување на инфлацијата на околу 3% во 2027 година и нејзино враќање кон историскиот просек од 2% на среден рок, под влијание на закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.

Во вакви услови, проекциите за домашната економија упатуваат на умерено, но стабилно економско закрепнување. Се очекува раст на БДП од 3,5% во 2026 година и негово забрзување достигнувајќи 3,8% во 2027 година. Притоа, главен двигател и натаму ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, како и постепеното закрепнување на надворешната побарувачка.

Надворешната позиција на економијата се оценува како понеповолна на краток рок. Се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 5,7% од БДП во 2026 година, под влијание на повисокиот увоз на енергенти и инвестициските активности. На среден рок се очекува негово постепено намалување, при стабилни финансиски приливи, коишто ќе обезбедат финансирање на дефицитот и натамошен раст на девизните резерви.

Банкарскиот систем и натаму обезбедува солидна поддршка за економијата. Во првиот квартал од 2026 година, кредитната активност бележи годишен раст од 13,1%, при очекувања за умерено забавување до крајот на годината. Депозитната база и натаму расте солидно, што укажува на стабилна доверба и поволни услови за штедење. На среден рок, 2027 ‒ 2028 година, се очекува просечен раст на кредитите од околу 7,4%, при раст на депозитната база и во услови на стабилен и солиден банкарски систем.

Народната банка ја задржува внимателната поставеност на монетарната политика, во услови на зголемена светска неизвесност и променливо надворешно окружување. Ризиците и натаму се претежно надолни и се поврзани со геополитичките случувања и движењата на цените на примарните производи. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.