
Романија презеде остри дипломатски мерки кон Русија откако руски дрон се урна врз станбен блок во градот Галаци, при што беа повредени две лица. Романскиот претседател Никушор Дан го прогласи рускиот конзул во крајбрежниот град Констанца за „персона нон грата“ и му наложи да ја напушти земјата, а според најавите се очекува и затворање на рускиот конзулат.
Одлуката беше соопштена по состанокот на Врховниот совет за национална одбрана на Романија. Дан изјави дека дронот бил дел од рој од 43 беспилотни летала насочени кон цели во Украина, но еден од нив завршил на романска територија, предизвикувајќи материјална штета и повредувајќи цивили.
Романскиот претседател остро реагираше и кон домашните политички кругови кои, според него, се обидувале да ја минимизираат одговорноста на Москва за инцидентот. Тој нагласи дека ваквите настани претставуваат директна закана за безбедноста на земјата и за граѓаните.
Дан истакна дека Романија добива силна поддршка од сојузниците во НАТО и оцени дека нивниот заеднички одговор е јасен доказ за единството и солидарноста во Алијансата. Тој најави дека НАТО ќе распореди дел од својата противвоздушна одбранбена опрема во Романија како привремена мерка, додека земјата ги модернизира сопствените капацитети со помош на европски средства.
„Некои системи веќе пристигнаа, други се на пат. Во разговорот со генералниот секретар на НАТО инсистирав на брза реализација и добив уверување дека опремата ќе пристигне што е можно побрзо“, изјави Дан.
Инцидентот дополнително ги зголеми тензиите во регионот на Црното Море и ја отвори дебатата за безбедноста на источниот крил на НАТО, во услови на продолжени руски напади врз украинска територија во непосредна близина на романската граница.

