
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува граѓаните на 10 мај (недела), со почеток во 12:00 часот, во Паркот на Франкофонија, на културно-едукативниот настан „Фолклорот како живо наследство”, посветен на богатото македонско фолклорно и духовно наследство.
Настанот, кој е дел од богатата културна програма на Општина Центар за 2026 година, ќе понуди разновидна сценска програма, со настапи на сите возрасни групи од Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов”, како и гости, фолклорни групи од Детскиот културен центар – Карпош.
„Ги поканувам сите љубители на фолклорот, семејствата и младите да бидат дел од ова уникатно доживување и заедно да го одбележиме и прославиме нашето културно и духовно наследство. Фолклорот е живо сведоштво за нашиот идентитет – тој нè поврзува, нè обединува и нè враќа кон нашите корени. Ова е извонредна можност за меѓугенерациско дружење, културна размена и заедничко уживање во богатството на македонската традиција”, порача Герасимовски.
Покрај сценската програма, ќе се реализираат и етно-креативни работилници за деца, каде преку интерактивен пристап најмладите ќе се запознаат со народни ора, песни, традиционални носии и ракотворби. Во активностите ќе учествуваат етнолози и етнокореолози, кои ќе обезбедат автентично, едукативно и инспиративно искуство.
Општина Центар со овој проект има за цел да го промовира и доближи фолклорот, особено до децата и младите, да создаде мост меѓу генерациите и да поттикне негување и зачувување на културното наследство што нè дефинира како заедница.

