
Сериозен технички дефект на главната радио-станица на Солунска Глава предизвикал ограничувања и затворање на дел од воздушните патишта на пониски височини во македонскиот воздушен простор, дознава 4news.mk.
Според официјалните воздухопловни известувања (NOTAM), Контролата на летање во Скопје (МНАВ) се соочила со значителни проблеми во комуникациската инфраструктура, што директно влијаело врз нормалното одвивање на воздушниот сообраќај.
Контролор на летање од МНАВ во разговор за 4news.mk открива дека во одреден момент целосно бил изгубен сигналот за комуникација, а дополнителна загриженост предизвикува фактот што, според неговите информации, во моментов не постои функционален резервен систем што би можел веднаш да се активира.
Во НОТАМ известувањата во кои имаше увид 4news.mk се наведува дека поради прекин на микробрановата мрежна конекција со IP радио-станиците, главната VHF антена на Солунска Глава е ставена надвор од употреба. Последиците се сериозни – значително намалена радио-покриеност и можност за целосно губење на комуникацијата со воздухопловите кои летаат под 4.100 метри.
Проблемот не е ограничен само на пониските височини. Во јужниот и југозападниот дел од земјата, особено во близина на границите со Грција и Албанија, ризик од губење на комуникацијата со скопската контрола на летање постои и за летови под 5.900 метри.
Поради ваквата состојба, воведени се итни безбедносни мерки. Воздушните патишта во критичниот регион под 4.100 метри се затворени за сообраќај, а авионите се пренасочуваат на повисоки нивоа каде што комуникацијата може да се одржува преку останатите радио-станици.
Дефектот директно влијае и врз работата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Стандардните рути за пристигнување кои се потпираат на радио-фарот во Пепелиште моментално не се достапни. Дополнително, авионите кои полетуваат од Охрид не смеат да ги користат стандардните процедури за заминување доколку не можат да достигнат височина од над 6.100 метри пред одредени навигациски точки.
Ограничувања се воведени и за користењето на воената и тренажна зона TSA01, која сега може да се користи само во строго определен висински опсег меѓу 6.100 и 7.300 метри.
Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што главниот секундарен надзорен радар (MSSR) во Скопје е надвор од функција веќе три месеци. Според официјалните воздухопловни податоци, радарот е нефункционален од 28 март 2026 година и се очекува да остане надвор од употреба до 28 јуни 2026 година.
4news.mk се обрати до Министерството за транспорт, од каде посочија дека немаат директна надлежност за случајот. Прашања беа испратени и до МНАВ и до Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), но до моментот на објавување на текстот одговори не беа доставени.
Од АЦВ за 4news.mk посочиле дека првичните информации и објаснувања треба да се побараат од МНАВ, како институција задолжена за управување со воздушниот сообраќај во земјата.
Случајот отвора сериозни прашања за сигурноста на комуникациските системи, нивото на резервна заштита и подготвеноста на институциите да реагираат во ситуации кога дефектите ја погодуваат клучната воздухопловна инфраструктура на државата.



