
По повод големиот јубилеј, 100 години од постоењето на Зоолошка градина Скопје, на 25 и 26 септември ( петок и сабота) , од 12:00 до 15:00 часот, во Скопје ЗОО ќе се одржи дводневен базар под мотото „100 години Зоолошка – 100 години грижа за животните”.
За првпат, средношколци од 22 средни училишта од Град Скопје ќе се обединат во заедничка мисија посветена на животните и на поддршката на Скопје ЗОО.
Во рамки на Базарот, учениците ќе ги претстават своите креативни производи, ракотворби и изработки, кои посетителите ќе можат да ги купат, а собраните средства ќе бидат наменети за животните во Зоолошката градина.
Настанот има за цел да ја поттикне креативноста кај младите, но и да ја зајакне емпатијата, одговорноста и грижата кон животните. Истовремено, Базарот е можност средношколците активно да се вклучат во одбележувањето на еден од најзначајните јубилеи на една од најстарите институции во градот, 100 години Скопје ЗОО.

Ги покануваме граѓаните, семејствата и сите љубители на животните да не посетат на 25 и 26 септември, од 12:00 до 15:00 часот, да ги поддржат младите и нивната креативност и заедно со нас да бидат дел од роденденскиот месец на Скопје ЗОО.


