
Правната квалификација наведена во кривичната пријава може да се смени откако обвинителството ќе ги провери наводите и ќе ги прибере доказите. Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи како во предметите за насилство се утврдува дали има елементи на телесна повреда, насилство, обид за убиство или друго кривично дело.
Андонова посочи дека лицето или институцијата што ја поднесува пријавата може да наведе кого го пријавува и за кое кривично дело смета дека има основа да се постапува. Обвинителот, пак, ја утврдува правната квалификација врз основа на доказите прибрани во постапката.
„Јавниот обвинител не е врзан за правната квалификација која е наведена во кривичната пријава, но е врзан за доказите коишто ќе ги обезбеди во постапката“, рече Андонова.
Како пример за тоа како дополнително прибраните докази можат да влијаат врз одлуките на обвинителството, Андонова го посочи случајот со насилството во Охрид. Според неа, откако првично биле определени мерки на претпазливост, обвинителството прибрало дополнителни докази и информации и побарало притвор за осомничениот.
Андонова објасни дека правната квалификација може да се смени и по поднесувањето на обвинението, ако доказите во текот на судската постапка упатуваат на поинаква квалификација.
„Тоа е еден динамичен процес. Доказите се тие кои што ја креираат правната квалификација“, нагласи обвинителката.


