Skip to main content
Свет

18-годишник во Германија осомничен дека планирал напад врз џамија со оружје изработено на 3Д-печатач

20/11/2026  17:31

Осумнаесетгодишен ученик од германското место Еслое е осомничен дека планирал напад врз луѓе во џамија. Според обвинителството, нападот бил планиран за крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, а осомничениот наводно имал намера да употреби оружје изработено со помош на 3Д-печатач. Обвинителството не прецизирало за која џамија станува збор.

Младиот човек бил уапсен во август, по дојави од луѓе од неговата околина. При претрес во неговиот стан, полицијата пронашла повеќе парчиња оружје, делови за оружје и муниција. Според првичните проценки на истражителите, дел од пронајденото оружје е функционално, а за останатите примероци сè уште се испитува дали се употребливи.

Истражителите се сомневаат дека ученикот почнал да се радикализира во јуни и дека застапувал крајнодесничарски и расистички ставови, насочени и кон муслиманите. Обвинителството располага и со сведоштва според кои осомничениот пукал од дел од пронајденото оружје во шумска област.

Обвинителството побарало нов налог за апсење поради сомнение дека 18-годишникот подготвувал сериозно насилно кривично дело со кое би се загрозила државата. Тој е во притвор од август врз основа на претходниот налог, издаден поради сомнение за прекршување на Законот за оружје.