Skip to main content
Македонија

По пријава за насилство, полицијата треба во рок од 12 часа да го извести обвинителот вели Андонова

19/11/2026  22:30

Во рок од 12 часа по пријава за семејно или родово базирано насилство, полицијата треба да изготви извештај за преземените дејствија и да го извести надлежниот јавен обвинител, објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

„Во рок од 12 часа треба да се изготви полициски извештај за сите дејствија и активности што се преземаат по повод пријавата од жртвата“, рече Андонова.

Во истиот рок, според неа, полицијата треба да го извести и надлежниот јавен обвинител, кој потоа дава насоки и наредби за понатамошното постапување. Андонова нагласи дека треба да биде известен и Центарот за социјални работи, особено кога во домот има деца или кога на жртвата ѝ е потребна дополнителна заштита.

Покрај во полиција, жртвите можат да се обратат и во Центарот за социјални работи и во Јавното обвинителство, а помош можат да побараат и преку невладини организации и СОС-линии, посочи обвинителката.

„Пријавата е иницијалниот момент. Оттука почнува постапувањето на институциите“, нагласи Андонова.

Таа порача дека полицијата, обвинителството и социјалните служби треба навреме да разменуваат информации и координирано да постапуваат за жртвата да добие соодветна заштита.