Skip to main content
Свет

Од денеска нови правила во ЕУ за PFAS во амбалажата за храна

12/08/2026  15:04

Во Европската Унија од денеска на сила се новите регулативи за амбалажа и амбалажен отпад, а една од најзначајните промени се однесува на таканаречените PFAS-соединенија во амбалажата за храна.

Промената особено ќе влијае врз амбалажата што потрошувачите секојдневно ја добиваат со храната за носење, како што се кутиите за хамбургери и помфрит, кесите за ќебапи и хартијата за пекарски производи. Соединенијата PFAS се користат во таквата амбалажа заради нивната отпорност на вода и маснотии, односно својството на амбалажата да не дозволува маснотијата и влагата брзо да навлезат во хартијата или картонот.

Според новите правила, од денеска на пазарот на целата територија на ЕУ не смее да се става амбалажа за храна што содржи PFAS во концентрации еднакви или повисоки од пропишаните граници. За поединечни PFAS-соединенија границата е 25 ppb, за збирот на целно анализираните PFAS-соединенија 250 ppb, додека за вкупната содржина на PFAS, вклучително и полимерните PFAS, границата е 50 ppm.

Германските организации за заштита на потрошувачите оценуваат дека маргините се поставени толку ниско што намерната употреба на PFAS во таквата амбалажа во практика е речиси исклучена.

Потрошувачите не треба да преземаат никакви мерки, а усогласеноста со правилата треба да ја обезбедат производителите, увозниците и другите учесници во синџирот на снабдување.

Амбалажата што веќе била ставена на пазарот на ЕУ пред 12 август не мора да се повлекува. Новите ограничувања се однесуваат на амбалажата што од денеска првпат излегува на пазарот.

PFAS е кратенка што се користи за именување неколку илјади синтетички хемикалии што се користат поради нивното својство да одбиваат или се отпорни на вода, маснотии и дамки. Познати се и како „вечни хемикалии“ бидејќи се многу постојани и како такви можат долго се задржуваат во животната средина.

Европските правила особено ја издвојуваат амбалажата за храна како важен извор на можна изложеност. Во образложението на Регулативата се наведува дека PFAS од материјалите што доаѓаат во контакт со храна може да доведат до изложеност на луѓето на тие соединенија, а нивната постојаност и утврдените ефекти на одредени PFAS претставуваат ризик за животната средина и здравјето.

Новите правила се дел од пошироката реформа на амбалажата во Европската Унија, чија цел е намалување на количината на амбалажен отпад, зголемување на повторната употреба и рециклирањето, како и ограничување на проблематичните хемикалии во материјалите што секојдневно доаѓаат во контакт со потрошувачите.