
Сите постојни серии на БСЖ вакцината во Македонија се ставени во карантинско чување и нивната употреба е привремено запрена додека траат испитувањата за можната поврзаност со пријавените несакани реакции кај деца во Хрватска. Во меѓувреме, Министерството за здравство обезбедило нови количини од друг производител. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го соопшти проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.

„Сите тие серии се ставени на стоп, односно во таканаречено карантинско чување, додека не ги истражиме сите услови“, изјави Грозданова.
Таа објасни дека одлуката е донесена како мерка на претпазливост по информациите од Хрватска за четири сомнителни случаи на воспаление на коските и зглобовите кај деца кои претходно примиле БСЖ вакцина.
Според Грозданова, доколку испитувањата потврдат дека вакцините произведени од бугарската компанија „Булбио“ се поврзани со пријавените здравствени компликации, тие нема повторно да бидат ставени во употреба.
Доколку, пак, се утврди дека причините за здравствените состојби кај децата во Хрватска се поврзани со други фактори, постои можност вакцинацијата со досегашните серии да продолжи.
Претседателката на Комисијата за имунизација посочи дека одлуките се носат во координација со здравствените власти во регионот, бидејќи националните комисии за имунизација редовно разменуваат информации и ги следат резултатите од испитувањата.
Во однос на залихите, Грозданова уверува дека државата располага со доволни количини и дека Министерството за здравство веќе обезбедило нови БСЖ вакцини од друг производител.
Таа објасни дека БСЖ е жива вакцина и дека по нејзиното примање може да се појави локална реакција на местото на апликацијата, што претставува очекувана појава и не треба да се поистоветува со сериозните здравствени состојби кои во моментов се испитуваат.
„Нашето искуство досега, а и на колегите во регионот, е дека е сосема безбедна и квалитетна. Овие нови состојби нè наведуваат дека мора, барем времено, да бидеме со поголем степен на претпазливост и да се истражат сите состојби“, истакна Грозданова.
Таа нагласи дека привремениот прекин не значи дека е утврден проблем со квалитетот или безбедноста на вакцината, туку дека надлежните институции сакаат да ги испитаат сите околности пред да донесат конечна одлука.
Во меѓувреме, останува отворено прашањето за начинот на вакцинација на новороденчињата додека трае привремениот прекин, за што Грозданова даде дополнителни објаснувања во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.


