Skip to main content
Магазин

Искачувањето по 50 скали на ден благотворно за срцето

22/11/2026  08:28

Качувањето по повеќе од пет ката скали дневно може да го намали ризикот од срцеви заболувања за дури 20 насто, според истражување на Универзитетот на Тулејн во коешто учествувале речиси 460.000 возрасни лица.

Придобивки за луѓето со поголем ризик

Испитаниците биле исто така категоризирани врз основа на нивната подложност на срцеви заболувања, земајќи ги предвид факторите како што се семејната историја, генетиката, високиот крвен притисок и пушењето. Според авторот на студијата, Лу Чи – професор на Универзитетот, секојдневното качување по скали може ефикасно да го компензира зголемената опасност кај поранливите поединци.

– Краткотрајното, енергично качување по скали е начин да се подобри кондицијата на срцето и белите дробови, како и нивото на липиди во крвта, за релативно кусо време – особено за оние на кои им е тешко да го постигнат препорачаното ниво на физичка активност, изјави Чи.

До слични заклучоци дошле и истражувачи од Универзитетот на Источна Англија во проучување претставено на конгресот на Европското здружение за кардиологија. Анализата опфатила девет студии со приближно 480.000 учесници на возраст од 35 до 84 години. Според наводите, луѓето кои редовно се качувале по скали имале 24 насто помал ризик од смрт од која било причина и 39 отсто помала опасност од смрт предизвикана од кардиоваскуларни болести.

– Ако имате избор помеѓу скали и лифт, одберете ги скалите – тоа ќе му користи на вашето срце… Резултатите укажуваат оти придобивките се зголемуваат со бројот на искачени скали, иако тоа допрва треба да се потврди, нагласи Софи Падок.

И двете истражувања се набљудувачки, што значи дека покажуваат поврзаност меѓу качувањето по скали и здравјето на срцето, но не докажуваат дека качувањето по скали е директна причина за подобрено здравје на срцето.

Ченг-Хан Чен, медицински директор на Програмата за структурни срцеви заболувања во Медицинскиот центар „Седлбек“ (Saddleback Medical Center) во Калифорнија – кој не учествувал во истражувањето, за „Медикал њуз тудеј“ (Medical News Today) истакна дека, иако за лицата со проблеми со зглобовите користењето скали може да биде тешко, секое движење сепак е подобро отколку воопшто никакво движење.