
Четири сомнителни случаи на воспаление на коските и зглобовите кај деца во Хрватска биле причина Комисијата за имунизација во Македонија да препорача привремен прекин на вакцинацијата со БСЖ вакцината. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го откри проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.

Според Грозданова, македонските здравствени власти биле информирани од хрватските колеги за четири суспектни случаи кај деца, кај кои по примањето на БСЖ вакцината биле пријавени здравствени компликации, односно воспаление на коските и зглобовите, познато како остеомиелитис.
„Тоа беше доволен сигнал за нас“, изјави Грозданова, посочувајќи дека Комисијата веднаш одржала состанок на кој биле разгледани сите добиени информации.
Особено значајно за донесувањето на одлуката било сознанието дека истите серии на вакцината за кои постои сомнеж во Хрватска се користеле и во Македонија.
Поради тоа, Комисијата препорачала привремено одложување на вакцинацијата, а препораката била доставена до Министерството за здравство. Министерството ја прифатило и ги известило здравствените установи, особено родилиштата каде што се спроведува вакцинацијата на новороденчињата.
Грозданова нагласи дека станува збор за превентивна и привремена мерка, која ќе остане во сила додека не заврши истрагата и не се добијат релевантни информации за пријавените случаи.
БСЖ вакцината што се користи во Македонија е произведена од бугарската компанија „Булбио“, која со години снабдува повеќе држави во регионот, меѓу кои Хрватска, Унгарија и Романија.
Во испитувањето на пријавените случаи, според Грозданова, се вклучени производителот, експерти од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови.
Целта на истрагата е да се утврди дали постои причинско-последична поврзаност меѓу примањето на вакцината и здравствените состојби пријавени кај децата во Хрватска.
Засега, како што произлегува од објаснувањето на Грозданова, станува збор за сомнителни случаи, а не за потврдена поврзаност со вакцината.

БСЖ вакцината се користи за заштита од туберкулоза, особено од тешките форми на болеста кај децата. Нејзината привремена суспензија во Македонија, според објаснувањето на претседателката на Комисијата за имунизација, претставува мерка на претпазливост додека надлежните институции ги испитуваат сите околности.

