Skip to main content
Македонија

Николоски: Зад секоја професионална судска одлука, стои стручното знаење на вештаците, потребата од професијата расте

25/11/2026  18:46

Вештачењето како дејност има значајна улога во функционирање на правосудниот систем и остварувањето на правдата. Зад секоја правилно донесена судска одлука стои еден поширок процес на утврдување на фактите, анализа на доказите но и примена на стручни знаења од вештаците, затоа вашата работа има општествена и правна одговорност, се обрати заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на годишната конференција на Комората на вештаци.    

Тој додаде дека во ова време кога општеството и правните односи стануваат сѐ посложени, потребата од стручното и независно вештачење постојано расте.

“Кога народот сѐ повеќе бара да се спроведуваат законите, кога функционалната правна држава и владеењето на правото е нешто за што сѐ почесто се зборува, потребата од квалитетно, независно и стручно вештачење постојано расте.  Затоа работата не е само професионална задача, туку и голема општествена и правна одговорност. Секој напишан збор значи, се мери и има свое влијание. Како што кажав, ние како Влада ги вложуваме сите напори кон воспоставување на функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава и тука ја имате целата наша поддршка. Независноста на судската власт треба да се разбира не како изолираност од другите институции, туку како гаранција за едно непристрасно и објективно одлучување” – додаде Николоски.