Skip to main content
Македонија

Од вечерва нагло влошување на времето – снег, студ и обилни врнежи до недела

25/11/2026  15:17

Студен бран со обилни врнежи од дожд и снег ќе ја зафати Македонија од вечерва, а под влијание на циклонска активност нестабилното и студено време ќе се задржи до недела, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Поради спуштање на студена воздушна маса од север, за време на викендот се очекува дополнително заладување. На дел од повисоките места дождот ќе преминува во снег, а на планините ќе се формира нова снежна покривка.

Од УХМР предупредуваат дека врнежите наместа ќе бидат пообилни, со над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, додека во текот на целиот период локално се очекуваат и над 80 литри на квадратен метар.

Во Скопје, од вечерва до недела, времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, кои за време на викендот во дел од повисоките подрачја на Скопската Котлина ќе преминуваат во снег.

Од почетокот на следната работна седмица се очекува стабилизирање на временските услови, со променлива облачност и сончеви периоди, но со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштат под нулата.